Sunday, August 17, 2008

Интелектуален стрпитиз

Деновиве размислував, што и не е некоја активност, ако се земе предвид континуумот на фрагментација и на (не)мислење што ја има спопаднато пошироката историска околија на ова поднебје, за интелектуалниот стриптиз. Таквата псевдо адреналинска танцувачка вештина, преку практикувањето незаконски „упад“ во интимниот, личниот посед на оние кои сакаат да уживаат во „политиките на телата“ што вистинскиот, стандардниот стриптиз ги нуди како социо-културна активност, преку познатите механизми кои урбаниот криминал ги гради со децении, постави толку многу шипки наоколу (невидливи, но со моќно енергетско озрачување), што не може да се навјасаат соголувањата на (не)п(р)омислата. Нововостановената вештина наречена интелектуален стриптиз, како цунами, чие надоаѓање не можете да го насетите бидејќи е скриено во длабочините на навидум мирното море, не знаете од која страна и со која брзина ќе ве заплисне. Затоа внимание! Бидете на штрек кога се обидувате да ја артикулирата вашата мисла. Бидете како струна кога се обидувате да мислите, следствено да говорите. Оти ние го говориме она што другите го мислат, а другите го мислат она што ние сакаме да го кажеме ама не можеме... или не смееме... Тоа е спирална одговорност.

Меѓу останатите (не)п(р)омисли , како раскрилен јастреб кој надалеку гледа и памети се’ што ние забораваме, ми ги допре перцептивните рецептори и трансмитори, прашањето кое, како некој жеден смок за мајчино млеко, ја стега дојкта на прашањата за субјективитетот, слободата и желбата...

Каква врска има желбата со слободата? Слободата за субјектот е конститутивен знак. Субјектот бара слобода - или барем така ни се чини. Но и слободата бара субјект. И еве го парадоксот (од кој барем јас сум зависна како од некој опијат). Да верата во парадоксите е двигателна и подвижничка. А ова значи дека нема субјект без слобода, но и слобода без субјект. Тоа, пак, значи дека нема субјект кој веќе нема добиено слобода, ниту пак има слобода која нема свој субјект....

Но да не должам...

Она што е важно е прашањето: до кога вака! До кога ќе се ’рваме за тоа што е попрво, јајцето или кокошката?

Ние страдаме во битката, која има речиси очајнички поместувачки хоризонти, во однос на тоа што, кој, и кому сака да каже кога ќе го споемне магичниот збор „слобода“, кој никако не оди со забранетите: „мисли“, „дејствувај“, „крени го својот глас“...

Ќе се најде ли јунак да го зборооформува копнежот? Сега за сега, чинам тешко. Не за друго, туку тешко е да се зафати некој со таква макотрпна работа која не води така брзо до полнење на џебовите... Можеби на срцата, да, ама кому е тоа битно кога др. Хаус може брзо да ни трансплантира по едно ново, пофенси, подинамично и поприлагодено на општите стандарди и барања. Срце, кое можеби нема да има толкав капацитет за подвижништво ама ќе биде слично на многу други, што, се разбира, е поважно.

Сличноста над квалитетот!!! Тоа е е паролата на денот...

Па, сега, кој како ќе се справи со неа, негова работа...